(makfax) Акупунктурата успешно ги ублажува симптомите што се појавуваат по оперативните зафати кај пациентите со карцином на главата и вратот, покажа едно истражување.
Авторот на студијата е доктор Дејвид Фишер од Мемориал Слоун Кетеринг Канцер Центарот во Њујорк. Ресекција на вратот, односно хируршко отстранување на лимфните чворови и околното ткиво е вообичаена постапка во лекувањето на карцином на главата и вратот. Ресекцијата може да биде многу опсежна со отстранување на сите лимфни чворови, потоа мускули важни за движење на вратот, крвни садови и нерви што му овозможуваат на пациентот дигање на раката над главата. Како последица на овие зафати се јавува болка во вратот и рамениците и намалување на функциите. Успехот од вообичаеното постоперативно лекување што се спроведува со различни физикални вежби и употреба на противвоспалителни лекови, често е разочарувачки и некомплетен. Постоперативното зрачење, што е често потребно предизвикува сувост на устата, што дополнително го оптоварува пациентот. Во истражувањето биле вклучени 70 пациенти избрани со метод на случаен избор, кои во текот на четири недели биле третирани со акупунктура или со вообичаената терапија (физикални вежби и против воспалителни лекови). Резултатите покажале дека кај скоро 40 проценти од пациентите третирани со акупунктура дошло до намалување на болките и вкочанетост на вратот и рамениците. Во групата пациенти кај кои се спроведувала вообичаената терапија, подобрување на симптомите имало само кај седум отсто. Поради ова, според доктор Фишер, акупунктурата би можела да има важно место во лекувањето на постоперативните нуспојави кај овие болни. |