(makfax) Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ) изрази протест поради тоа што Македонската радио телевизија (МРТВ) прогласила за технолошки вишок двајца филмски работници.
„Бевме длабоко изненадени и разочарани од фактот што едни од најугледните претставници на МРТВ: филмскиот критичар во Македонското радио, Благоја Куновски - Доре (учесник во над 30 жирија на ФИПРЕСЦИ - Светската Асоцијација на критичари) и ТВ и филмскиот режисер Иван Митевски-Копола (освојувач на десеттина меѓународни награди) - се ставени на списокот за технолошки вишок“, се наведува во протестот на ДФРМ. Друштвото ги потсетува оние кои ја донеле таа „апсурдна одлука“, дека „со анулирање на еден меѓународно угледен критичар, член на ФИПРЕСЦИ и еден угледен режисер лауреат, прават неприфатлив преседан што може да има сериозни последици за МРТВ, како членка на ЕБУ“. „За својата верност кон МРТВ, на секој неутрален набљудувач на состојбите, му е сосема јасно дека ваков непромислен однос Благоја Куновски и Иван Митевски не заслужиле од својата матична куќа“, стои во соопштението од ДФРМ. Оттаму сметаат дека со прогласувањето на Куновски и Митевски, за технолошки вишок се врши атак и врз македонската кинематографија, и апелираат до раководните органи во МРТВ, да ја исправат сторената грешка, во интерес на достоинството и професионалниот интегритет, со кои се заштитуваат сите оние кои ја задолжиле не само МРТВ, туку и македонската кинематографија. . Сите права се задржани. Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со makfax. |