(makfax) Сметајќи во долари, по САД најмногу милијардери има во Русија, точно 101 според последната направена листа на најбогати.
Поради ова, младите руски убавици постојано ја држат отворена сезоната на лов на овие олигарси, наоѓајќи упатства за тоа дури и во печатот. За младите Русинки, кои немаат ништо освен својата убавина, мажењето за богат човек е најбрзиот начин да дојдат до сите статусни симболи што непрекинато им се вртат пред очите во новата Русија. Новинарка во весникот “Аргументи и факти“, Татјана Огородникова (псевдоним, и самата е жена на богаташ), ги опишува тие ситуации. “Тие проучуваат се за богаташите – нивниот хороскопски знак, семејните прилики, какви жени им се допаѓаат, како сакаат нивните жени да бидат облечени. Тогаш организираат “случајна“ средба во ресторан, на забава, во продавница... нив не ги интересира кој ќе ја финансира нивната иднина – само сакаат да бидат сигурни дека некој ќе ги финансира. Колку што се побогати, толку подобро. Тие религиозно ги проучуваат профилите на богатите мажи, никој на листата на милијардерите не е сигурен“: Доколку тој е оженет, тоа не претставува никаква пречка. На мажите им годи вниманието на убавите жени и често се подготвени старата сопруга да ја “заменат за понов модел“, вели Огородникова. “Знам една девојка која гонеше оженет олигарх од својата 16-та година. Тој се разведе и се ожени со неа кога имаше 18. Сега таа има 25 години и тоне во депресија и алкохолизам, бидејќи тој трча по 18-годишни девојки, кои изгледаат така како што таа изгледаше пред седум години“. Олга Мамонова, два пати мажена деловна жена, зајадливо ја опишува целата ситуација: “Жените сакаат мажите да ги забележат, поради што мора да излезете од просекот. Затоа Русинките се толку гламурозни“. |