(makfax)
Њујорк, со 46 милиони посетители, во 2007 година имал рекордна посета од туристи, што докажува дека градот се опоравил од драматичните напади на 11 септември, пред шест години.
Градот нагостил 37,5 милиони американски посетители и 8,5 милиони странци, кои локалната економија ја збогатиле за 28 милијарди долари, изјави градоначалникот на Њујорк, Мајкл Блумберг.
„Тој неверојатен напредок ќе овозможи постигање на целта од 50 милиони посетители годишно до 2015 година“, додаде Блумберг.
Според него, тоа придонесува за динамичноста на локалната економија, додека на национален план американската економија е забавена.
„Приливот на туристи во поголем дел го должиме на ниската вредност на доларот во однос на еврото и британската фунта“, изјави Џорџ Фертита, претседател на NYC&Company, тело што го промовира туризмот во Њујорк.
Њујорк најмногу го посетуваат Британци, околу 1,4 милиони во 2007. година, а по нив следат 800.000 канаѓани и 500.000 Германци. |