(makfax)
Лажица мед може да ја ублажи ноќната кашлица и да им помогне на децата, но и на нивните родители, подобро да спијат, покажа студијата со која биле опфатени 105 деца, кои кашлале поради настинка.
Децата биле поделени во три групи од кои едната добивала сируп против кашлица, втората мед, а третата ништо, при што медот се покажал како најдобро решение.
“Резултатите беа толку цврсти што можеме јасно да кажеме дека медот е подобар отколку да не се дава никаков лек, додека состојката декстрометорфан од сирупот против кашлица не е добра, вели доктор Иан М. Паул од универзитетот во Херши во Пенсилванија.
Декстрометорфанот многу се користи, но нема докази дека делува, а носи одреден ризик, вели доктор Паул.
Постојат неколку објаснувања зошто медот помага во олеснувањето на кашлицата, објаснува доктор Паул.
Медот е сладок и сирупест и делува смирувачки на изиритираното грло, а важен е и можеби поради тоа што има висок процент на антиоксиданси. Медот делува и против микробите.
Медот не се препорачува на децата помлади од една година, поради ретката, но сериозна опасност дека би можел да предизвика труење со храната познато како ботулизам.
За постарите деца медот е безбеден, но дозата треба да се зголемува паралелно со староста на детето. Половина лажица е доволно за децата од две до пет години, а цела лажица треба да се дава на деца од шест до 11 години. Две лажици треба да земаат децата над 12-години. |