(makfax)
Индонезискиот архипелаг во последните години изгуби 24 острови поради природни катастрофи или штетите нанесени на околината, објави во четврток индонезискиот министер за морепловство, Фреди Нумбери.
Четвртата најнаселена држава на светот, Индонезија посебно е погодена од климатските промени, а идната недела токму на островот Бали започнува светска конференција за климата.
„Научниците најавија дека Индонезија би можела да изгуби најмалку две илјади острови до 2030 година“, вели министерот Нумбери пред отворањето на конференцијата.
Дваесетина острови во покраината Риау и во архипелагот Илјада острови, исчезнале поради штетите нанесени на околината и човечката експлоатација на природните богатства.
Катастрофалниот цунами, што на 26-ти декември 2004 година ја погоди југоисточна Азија, убивајќи 168 илјади луѓе, однесе и четири други острови северно од Суматра.
Вкупниот број, поради тоа опаднал на 17.504, од некогашните 17.480, истакнува министерот Нумбери.
Конференцијата на Бали би требало од трети до 15-ти декември да ги зацрта акциите со кои ќе се продолжи траењето на Протоколот од Кјото, светската спогодба за намалување на емисија на гасовите што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина. |