(makfax)
Откритието на лекарите дека човечкиот сперматозоид располага со центар за распознавање на мирисите, може да претставува моќно средство за контрацепција, но и за лекување на неплодноста.
Човечкиот сперматозоид станува „исклучително возбуден„ кога се наоѓа во близина на мирисот на момината солза, ја удвојува брзината на движењето и настојува што поудобно да се „смести„ во близина на изворот на аромата, откриле германските научници.
Ханс Хат, професор по биологија на универзитетот Рур, во Бохум, изјавил дека откритието на рецептори на мирис на површината на сперматозоидите ќе им овозможи на истражувачите да развијат алтернативен метод на контрацепција, но и ќе ја унапреди потрагата по лек против неплодноста.
“Прв пат откривме дека сперматозоидот реагира на мирис. Поради тоа е можно дека апликација на мелем што ќе содржи одредени супстанци ќе ги зголеми шансите за забременување„, оцени Хат.
Според резултатите од тригодишното истражување, рецепторите во мембраната на сперматозоидот посебно ги „возбудуваат„ две хемиски супстанци - цикламата (cyclamal) и бургонал, што се употребуваат во козметичката индустрија за да го “имитираат„ мирисот на растението.
Меѓутоа, откриено е дека третата супстанца - ундецанал - ја блокира чувствителноста на рецепторите на мембраната на сперматозоидот и може да се користи како средство за контрацепција. |